Најчесто поставувани прашања

Што се мисли под поимот „столб” ?

Столб е дел од пензискиот систем. Пензиските системи најчесто имаат помеѓу еден и три столба. Разликата меѓу столбовите се однесува на начинот на финансирање (тековно или капитално) и по опфатноста (задолжително или доброволно).

Што е „прв столб”?

Првиот столб е PAYG(тековно финасирана) компонента од системот со три столба. Забелешка: “прв столб” и  “систем со еден столб” се различни поими. Прв столб е PAYG компонента од систем со повеќе столбови, додека систем со еден столб е пензискиот систем пред неговото реформирање, кој е финансиран на PAYG основа.  Во Македонија “прв столб“ е Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Република Македонија.

Што е „втор столб”?

Вториот столб во Македонија ја претставува задолжителната капитално финансирана компонента од тростолбниот систем. Вториот столб се состои од индивидуална сметка на секој вработен на која се уплаќаат дел од придонесите на вработениот. Придонесите, се инвестираат на пазарите на капитал и остваруваат принос. Така при пензионирањето, работникот кој е дел од првиот и вториот столб, ќе прима пензија посебна пензија и од првиот и од вториот столб.

Што е „трет столб”?

Третиот столб, исто како и вториот столб, се состои од индивидуални и професионални, приватно управувани пензиски сметки. Разликата е во тоа што третиот столб е доброволен, во него може да членува секое лице на возраст од 15 до 70 години, со исклучок на лица кои користат пензија.

Примарни цели на доброволното пензиско осигурување(трет столб) се:

- Остварување на повисок приход по пензионирањето за осигурениците кои  се веќе членови на едностолбниот и/или двостолбниот пензиски систем (задолжително пензиско и инвалидско осигурување), а кои сакаат и се во можност да издвојат дополнителни средства заради поголема материјална сигурност или одржување на повисок стандард на живеење по пензионирањето;

- Лицата кои не се опфатени со задолжителното пензиско осигурување да можат да обезбедат пензија, лично за себе или за други лица;

- Усогласување на системот на социјално осигурување во Македонија со системите во Европската унија. Воедно, обезбедување предуслови за воспоставување на професионални пензиски шеми.

Какво Друштво е НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје?

НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје е друштво основано за да функционира во рамките на реформираниот пензиски систем во Република Македонија. Основната дејност на НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје е управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови.  Друштвото ангажира потребни капитални, кадровски и технички ресурси за да воспостави соодветен систем во рамките на законската регулатива кој ќе овозможи, сигурно, домаќинско, транспарентно и стручно да ја извршува својата функција и да управува со собраните придонеси од своите членови. НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје има воспоставено систем преку кој ќе можеш да пристапиш до твојата лична сметка, во секое време и на тој начин да провериш дали и кога работодавецот ги платил придонесите, колкави средства се акумулирани на сметката и колкава е заработувачката на НЛБ Пензиски фонд.

Што е друштво, а што фонд?

Друштвото е правен субјект, акционерско друштво, формирано со акционерски капитал, со стручен менаџмент и соодветна техничка инфраструктура. Фондот е посебна форма на имот, кој се формира од придонесите на неговите членови. Вредноста на Фондот се зголемува за добивките од инвестициите, а се намалува за провизиите кои ги наплатува Друштвото за управување.
Средствата на Друштвото и Фондот се целосно одвоени. Чувар на имотот на Отворен задолжителен пензиски фонд НЛБ Пензиски фонд и Отворен доброволен пензиски фонд НЛБ Пензија плус е Комерцијална Банка АД Скопје.

Што е тоа тековно финансирање (pay-as-you go)?

PAYG – претставува финансирање на основа на генерациска солидарност, односно придонесите од сегашните вработени се користат за исплата на пензиите на сегашните пензионери.

Што значи „капитално финансирање”?

Механизам на финансирање според кој придонесите се оплодуваат преку инвестирање на истите и потоа се акумулираат на индивидуални сметки на членовите на пензиските фондови се до нивното пензионирање. Во системот со капитално финансирање индивидуалецот не зависи единствено од придонесите на помладите генерации.

Која е основната разлика помеѓу Првиот и Вториот столб на пензискиот систем?


Првиот столб претставен преку Фондот на ПИОМ, функционираше и ќе продолжи да функционира на принципот на тековно финансирање. Во овој фонд долгорочно не се задржуваат средствата. Тековните уплати се користеа и ќе се користат за исплата на тековните пензионери. Во Вториот столб, во кој ќе функционираат двата приватни пензиски фонда, се воведува капитално финансиран систем со дефинирани придонеси. Придонесите што ќе пристигнат на личните сметки на членовите,во Вториот столб, во чии рамки функционира НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје нема да се употребат за тековните исплати на пензиите, тие ќе останат долгорочно во Фондот. Друштвото ќе ги инвестира собраните средства од придонесите, намалени за надоместоците, до моментот кога членот ќе остари право на пензија и ќе настојува да заработи добивки кои целосно му припаќаат на членот.

Зошто да го изберам НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје?

Нашата работа се темели на искуството, традицијата, успешноста во работењето и извонредните перформанси на нашите основачи. НЛБ Тутунска Банка е позната на овие простори како носител на нови идеи и особено како промотор на непосреден пристап во комуникацијата со клиентите. Во сите наши активности имаме поддршка и можност за користење на know-how на НЛБ групацијата. Стручниот тим на Друштвото во оваа фаза е проширен со над 400 агенти кои се добро едуцирани и кои треба да го најдат најсоодветниот пристап до членот, добро да му објаснат за што се работи и да му помогнат да донесе добра одлука за својата иднина.

Што треба да имам предвид пред да се вклучам во двостолбниот систем?


Ако припаѓаш на групата задолжителни членови, во двостолбниот систем ќе се вклучиш со индивидуален избор на едно од двете друштва, во спротивно ќе станеш член на задолжителниот пензиски фонд во кој државен орган претходно ќе те распредели. Односно:

Лицата кои по прв пат се вработиле по 1 јануари 2003 година задолжително членуваат во вториот столб. Тие треба  да одберат во кој фонд сакаат да членуваат и тоа 3 месеци по првото вработување. Доколку сами не изберат фонд ќе станат член на задолжителниот пензиски фонд во кој претходно ќе ги распредели државен орган по службена должност.

Лицата кои воспоставиле работен однос пред 1 јануари 2003 година имаа избор да останат во системот со еден столб или да преминат во новиот систем со два столба. Правото на зачленување, овие лица го имаа до 31 декември 2005 година. 

Ако си доброволен член треба да ги имаш предвид следните параметри:

- Колку години си работел пред 01.01.2003 година;
- На која возраст си;
- Колку години предвидуваш дека ќе работиш до остварување на правото на пензија;
- Колкав принос можеш да очекуваш од инвестициите на пензискиот фонд;
- Други твои очекувања за иднината.

Калкулатор за пресметка на пензијата можеш да пронајдеш на интернет страната на МАПАС која гласи www.mapas.gov.mk

Како да се вклучам во двостолбниот систем и да станам член на НЛБ Пензиски фонд?

Член на НЛБ пензиски фонд ќе станеш со потпишување на договор за членство. Договорот за членство е пропишан од страна на МАПАС и има стандардна форма. Договор можеш да склучиш само со овластен агент, кој се идентификува со легитимацијата која е должен да ти ја покаже. Договорот треба да е уредно пополнет со твоите лични податоци и податоците за агентот со кој си го склучил истиот.

Доколку се вклучам во двостолбниот систем дали можам да се предомислам?

Можеш да се предомислиш во првите осум работни дена, по потпишувањето на Договорот. Потоа друштвото ќе те регистрира и со тоа ти си го направил изборот на двостолбниот систем до пензионирање и неможеш да правиш промени. Подоцна единствено можеш да преминуваш од еден задолжителен пензиски фонд во друг, со потпишување на договор за премин.

Што е тоа „заменска стапка”?

Заменската стапка претставува сооднос на пензијата на лицето со неговите остварени плати. Поточно таа се дефинира како сооднос на почетната пензија на лицето во време на пензионирањето  со неговата последна плата добиена непосредно пред пензионирањето, или сооднос на почетната пензија со просечната плата заработена во текот на неговиот работен век (прилагодено на инфлацијата и економскиот раст).

Што е тоа стапка на придонес? Колку изнесуваа таа во системот со еден столб и системот со два столба?

Стапката на придонеси за пензиско и инвалидско осигурување претставува процент од бруто платата, кој е утврден со Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување. Стапката на придонес е иста за лицата кои се членови на едностолбен или на двостолбен пензиски систем. Во законот оваа стапка е  18%  (се очекува постепено намалување до 15%). За лицата кое се членови на едностолбен пензиски систем, целокупниот придонес за пензиско и инвалидско осигурување останува  во Фондот на ПИОМ. За лицата кои се членови на двостолбниот пензиски систем, 35% од придонесот се пренесуваат во приватниот задолжителен пензиски фонд (втор столб), додека 65% од придонесите остануваат во Фондот на ПИОМ (прв столб).

Што е тоа сметководствена единица?

Сметководствената единица е едно делче, пропорционално, од вкупната вредност на средствата на Фондот. Кога се уплатени првите придонеси, на првиот датум, вредноста на сметководствената единица беше 100 денари. Членот ќе знае колку сметководствени единици му се доделени за уплатените придонеси. За секој член понатаму ќе биде интересно да следи како се зголемува бројот на сметководствените единици на неговата лична сметка и колкава е вредноста на сметководствената единица, која ќе се менува во зависност од вредноста на нето средствата на Фондот која ќе се пресметува секој ден. Друштвото нуди можност за он-лине увид во личната сметка, каде членот може секојдневно да го следи нејзиното движење.

На кој начин се пресметува пензијата од системот со еден столб?

Износот на пензија е општо изразен како процент од платата на лицето. Односот помеѓу пензијата и платата  ја дава заменската стапка. Заменските стапки од системот со еден столб зависат од полот на лицата и должината на нивниот стаж. Од системот со еден столб, еден просечен работник може да очекува заменска стапка помеѓу 70% и 80%.

На кој начин се пресметува пензијата од системот со два столба?
 
Како член на системот со два столба ти ќе примаш пензија од два извора: од првиот столб и од вториот столб. Заменските стапки од првиот столб се пресметуваат со формула која ќе зависи и од полот и од должината на работниот стаж.  Работникот може да очекува заменска стапка од околу 30% од првиот столб.
Заменски стапки добиени од вториот столб зависат од придонесите на работникот, приносите од инвестираните придонеси, трошоците и возраста на пензионирање.

За осигурениците кои за првпат се вработуваат по 1 јануари 2003 година и се приклучуваат во двостолбнот систем процентот за пресметка на пензијата изнесува 0,75% (маж), односно 0,86% (жена), за секоја година пензиски стаж. Овие проценти се применуваат по почетокот на поделбата на придонеси помеѓу првиот и вториот столб.

Пр: Процентот за пресметка на пензија ос првиот столб за осигуреник – маж кој се приклучил во новиот систем на почетокот на својата кариера, што значи целиот свој работен век го поминува во свостолбен систем и има вкупно 40 години стаж, ќе биде 30%.

30% = 40* 0,75%

За осигурениците кои до 1 јануари 2003 година се веќе вработени и одлучиле да преминат во новиот систем со два столба, овој процент, за секоја година навршен стаж до денот на вклучување во новит систем изнесува 2,33% (маж), односно 2,60% (жена), но најамногу 11,65% (маж), односно 13,00 (жена) што соодветствува на максимум 5 до 7 години стаж. За секоја понатамошна година стаж навршена по денот на вклучување во новиот систем, процентот изнесува 0,75% (маж) односно 0,86% (жена).

Која е редовната возраст на пензионирање според законот за задолжително пензиско и инвалидско осигурување? 

Возраст на пензионирање за мажи е 64 години.
Возраст на пензионирање за жени е 62 години старост

Колкава е максималната старост за вклучување во вториот столб?


Со Законот не е дефинирана максимална старосна граница за зачленување во двостолбниот систем.  Но, постојат параметри што треба да се земат предвид и секој доброволен член треба добро да се информира што значи вклучувањето во двостолбен систем за него лично.

Доколку се вклучи женско лице со возраст од над 45 години, односно маж над 50 години возраст, треба да се разгледа и времето кое лицето претходно го има поминато како вработен со регулиран работен стаж.

Кој донесува одлука за инвестирање во НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје?

НЛБ Нов пензиски фонд АД управува со средствата собрани од придoнесите на своите членови. Одлуките за инвестирање се донесуваат од страна на менаџментот на Друштвото, врз основа на однапред утврдена Инвестициона стратегија, која е документ кој го донесуваат и потврдуваат највисоките органи на управување на НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје.  Инвестиционата стратегија во целост ги почитува законските лимити во делот на инвестирањето на средствата на задолжителните пензиски фондови.

Како се инвестираат парите собрани од придонесите?

Средствата собрани од членовите на НЛБ Пензиски фонд се вложуваат во првокласни хартии од вредност и други инструменти кои се дозволени и дефинирани со Законот: банкарски депозити и сертификати за депозити, обврзници и други должнички хартии од вредност, акции и комерцијални записи издадени од издавачи со седиште во Република Македонија и странство во државите членки на Европската Унија и ОЕЦД. Предвидени се максимални ограничувања за инвестирање во одредена компанија и максимални ограничувања на износите кои можат да бидат инвестирани во одредени видови на инструменти со цел да се постигне соодветна диверсификација помеѓу различните видови на инвестиции. Врз основа на инвестиционата политика на НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје и моменталната состојба на пазарите на пари и капитал, менаџментот одлучува за вложувањето, имајќи ги предвид сигурноста и профитабилноста на конкретниот инструмент во кој се инвестираат средствата. Постојат сторого дефинирани процедури во инвестирањето, во кои се вклучени МАПАС, Комерцијална Банка АД Скопје како банка чувар на имот и Друштвото, така што е невозможно да се случи трансакција која не е дозволена.

На какви ризици сум подложен во вториот столб?

Ризикот претставува несигурност односно можност за примање помала пензија од очекуваната. Ризикот произлегува од фактот дека неможат точно да се предвидат идните демографски и економски промени кои силно влијаат на првиот столб.

Системот со два столба е помалку изложен на ризик бидејќи тековното финансирање има помала улога во системот со два столба отколку во системот со еден столб. Додека системот со два столба е изложен на помал демографски ризик од системот со еден столб, системот со два столба носи ризик кој не постои кај системот со еден столб, а тоа е ризик поврзан со пазарите на капитал. За да се заштитат заштедите на членовите од премногу ризичните инвестиции, инвестирањето на средствата на пензиските фондови е регулирано со Закон и подзаконски акти.

Пазарниот ризик ќе биде намален до одредено ниво, едноставно со времетраењето во кое  членовите ќе акумулираат заштеди бидејќи пазарите на капитал се често променливи на краток рок, но на долг рок пазарите се движат нагоре. Поради тоа, краткорочните падови нема да имаат негативно влијание на нивните пензионерски приходи.

Кој гарантира за средствата на членовите на НЛБ Пензиски фонд?

МАПАС ја супервизира работата на друштвата, дневно, со цел да се осигура дека тие ги следат правилата за инвестирање на средствата на пензиските фондови. Овие правила се со цел заштита од прекумерно изложување на ризик при инвестирање на средствата на пензиските фондови.

Чуварот на средствата на пензиските фондови – безбедно ги чува средствата на задолжителните пензиски фондови на посебни сметка, издвоени од средствата на друштвата. Чувар на имот е деловна банка која исполнува одредени законски услови.

На крај, Буџетот на Република Македонија уплатува до 80% од средствата во задолжителниот пензиски фонд ако средствата на задолжителниот пензискиот фонд се намалиле како резултат на кривично дело измама, кражба или проневера.

Дали ако пазарите на капитал не функционираат добро мојата пензија ќе се намали?

На долг рок цените на хартиите од вредност на солидните компании имаат тенденција на растење. Затоа вториот столб е предвиден да дава резултати на долг рок. За еден работник кој акумулирал средства за период од 30-40 години нема да имаат значење краткорочните флуктации на пазарот на капитал.

Исто така не треба да се заборави дека пензијата за членовите на првиот и вториот столб ќе се исплаќа од два извора (од првиот столб, финансиран на основа на генерациска солидарност и од вториот столб, каде пензијата ќе зависи од акумулираните средства на Вашата лична сметка). Затоа, велиме дека во вториот столб постои диверсификација на ризикот. За разлика од едностолбниот систем во кој не постои диверсификација на ризикот и кој е почувствителен на демографски и политички ризици.

Како се распределуваат моите придонеси за вториот столб?

УЈП односно Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија (ФПИОМ) вршат наплата на придонесите, а Фондот на ПИОМ врши пренесување на задолжителните придонеси и соодветните податоци за членовите во избраните задолжителни пензиски фондови. Распоредувањето е на слениот начин: 35% од средствата задржани на бруто платата за пензиско осигурување одат во вториот столб, додека 65% од средствата задржани на бруто платата за пензиско осигурување одат во Фондот на ПИОМ.

Колкав минимален принос гарантира НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје?

НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје нема законска обврска да гарантира минимален принос. Приносот на НЛБ Пензиски фонд во различни периоди ќе зависи од општите состојби и движења на пазарите и од умешноста во изборот на инструментите во рамките на дозволените лимити. Приносите треба да се анализираат на долг рок, со оглед дека се работи за долгорочно издвојување на средства. Краткорочните високи добивки не мора да значи дека се долгорочно одржливи. НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје ќе се стреми да постигне оптимална добивка на долг рок. Инвестиционата стратегија на НЛБ Пензиски Фонд планира принос кој е еднаков на стапката на инфлација зголемена за 1 процент.

Дали можам да ги користам средствата од мојата сметка во НЛБ Пензиаки фонд пред времето за пензионирање?

Не, средствата не можат да се повлечат од личната сметка пред времето на пензионирање. Средствата во вториот столб се акумулираат за да се употребат како извор за финансирање на пензија. Од тие причини не можат да се трошат за други намени.

Која е постапката за примање пензија по пензионирање?
 
По пензионирањето, со твоите заштеди ќе може да купиш ануитет кој ќе ти обезбеди месечни исплати на пензија, или ќе може да ја повлекуваш твојата заштеда постепено, по пат на „програмирано повлекување” или со комбинација од овие дава метода. Право на пензија се стекнува со остварување право на пензија според Законот за пензиско и инвалидско осигирување

Како работодавец – кои се моите обврски кон вториот столб?


Единствена обврска на работодавецот е да поднесе до УЈП, на месечна основа, податок за бруто платата и придонесите на вработените во електронска форма. Системот со два столба не создава никакви дополнителни трошоци и административни обврски за работодавците. Работодавците продолжуваат да плаќаат придонеси на Фондот на ПИОМ. Тие не поднесуваат специјални формулари во кои се специфицира кои работници се членови на системот со еден столб, а кои работници се членови на системот со два столба.

Дали работодавецот знае во кое друштво сум член?

Работодавецот нема право да влијае на твојот избор. Друштвото и фондот ги избираш сам. Работодавецот може, но не мора да знае во кој фонд членуваш.

Што ќе се случи ако пропадне претпријатието во кое работам или ако ја променам работата?

Во таков случај и понатаму остануваш член на НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје, средствата и понатаму се инвестираат, со тоа што во периодот во кој не работиш не се уплатуваат придонеси на твојата лична сметка, а ако го промениш работодавачот, уплатите ќе продолжат, новиот работодавец е должен да ги исполни обврските за плаќање на твоите придонеси во согласност со твојот договор за работа и законската регулатива. Не треба да се склучува нов договор за членство со секоја промена на работодавач.

Дали можам да се вратам од двостолбниот во системот со еден столб ?

Не, остануваш во двостолбниот систем до крајот на работниот век. Исклучок се лицата кои го менуваат основот на осигурување (бенефициран стаж).

Дали можам после неколку години да се префрлам од системот со еден во системот со два столба?

Не, бидејќи доколку одлучиш да останеш во системот со еден столб, тоа ќе биде до крајот на твојата кариера. Исклучок се лицата кои го менуваат основот на осигурување (бенефициран стаж).

Што ќе се случи со средствата доколку не доживеам години на  старост за пензија?

Во случај на смрт, доколку во семејството на членот има лица кои остваруваат право на семејна пензија, средствата се пренесуваат во Фондот на ПИОМ и преку него се исплатува семејната пензија. Доколку нема корисници на семејна пензија, средствата што се акумулирани во НЛБ Пензиски фонд, заедно со остварената заработувачка, се предмет на наследување како и другите видови имот.

Како се исплаќаат инвалидските пензии во системот со два столба? 
 
Доколку имаш остварено право на инвалидска пензија како член на вториот столб, вкупниот износ на средствата на твојата сметката се пренесува во Фондот на ПИОМ и целосната исплата на инвалидската пензија пресметана на горенаведениот начин се исплаќа од Фондот на ПИОМ.
По исклучок, доколку акумулираните средства на твојата сметка се повеќе од износот потребен за исплата на инвалидска пензија согласно Законот на пензиско и инвалидско осигурување, тогаш ти може да избереш наместо таа пензија да користиш пензиски ануитет или програмирано повлекување. Овој исклучок нема да се применува во текот на првите 5 години од имплементацијата на системот односно првите пет години од датумот на почеток на уплата на придонес во вториот столб, односно до 1 јануари 2011 година.
По исклучок кога членот или времено распределениот осигуреник ќе стекне право на времена инвалидска пензија согласно со членот 139 од Законот за пензиското и инвалидско осигурување, времената инвалидска пензија ја исплаќа Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, а средствата од индивидуалната сметка на членот остануваат во задолжителниот пензиски фонд се додека членот не оствари право на старосна, инвалидска или семејна пензија.

Дали осигурениците со бенефициран стаж можат да бидат дел од вториот столб?

Сите категории на осигуреници со бенефициран стаж не можат да станат дел од вториот столб. Во Законот за пензиско и инвалидско осигурување за осигурениците од глава IV (осигуреници од одбраната и внатрешни работи, казнено-поправни установи и воспитно-поправни домови) кои имаат бенифициран стаж, не беше дозволено вклучување во задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување (втор столб). Со измените и дополнувањата на Законот од 28 декември 2007 г. на овие осигуреници поради промената на својството на осигуреник во текот на работниот стаж, им се дозволува еднаш, по сопствен избор да го отповикаат утврдениот статус. Ова право осигуреникот може да го изврши најдоцна во рок од три месеци од настанатата промена.

Пр . Доколку Ана станала член на вториот столб на 11.03.2007г., а се стекне со бенифициран стаж на 31.05.2008г., има право да избере дали сака и понатаму да членува во вториот столб или сака да се врати во едностолбниот систем, во рок од три месеци сметано од датумот на промена на својството на осигуреник, односно до 31.08.2008г.

Пр. Доколку Стефан не станал член на вториот столб, поради тоа што имал бенефициран стаж, а поради промена на работно место од 25.04.2009г. повеќе нема бенефициран стаж, има право да избере да избере дали сака да се вклучи во вториот столб или сака да остане во едностолбниот систем , во рок од три месеци односно до 25.07.2009 г .

Горенаведените осигуреници кои својството на осигуреник го промениле пред влегувањето во сила на овој Закон, отповикувањето на статусот можат да го направат во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој Закон ( 28 декември 2007г. ).

Пр. Ако Горан станал член во вториот столб на 13.10.2005г., а на 22.04.2006г, се стекнал со бенифициран стаж има право да избере дали сака и понатаму да членува во вториот столб или сака да се врати во едностолбниот систем, во рок од три месеци сметано од 28 декември 2007г. Доколку во овој рок Горан не го прекине членството останува засекогаш член на вториот столб .

Пр . Ако Елена не станала член на вториот столб , поради тоа што имала бенифициран стаж , кој подоцна го сменила работното место , односно повеќе нема бенифициран стаж ( пр . од 15.09.2007 г .), сега има право да избере дали сака да се вклучи во вториот столб или сака да остане во едностолбниот систем , во рок од три месеци сметано од 28 декември 2007 г . Доколку во овој рок Елена не склучи договор за членството во вториот столб останува член на едностолбниот систем .

Сите останати категории на осигуреници со бенефициран стаж согласно условите и законските рокови можат да преминат во вториот столб. Исто така, осигуреници кои се исклучуваат од вториот столб се и индивидуалните земјоделци, бидејќи кај нив не постојат услови за остварување на поголем принос поради нискиот износ на средства кои ќе се пренесуваат на личните сметки во приватните пензиски фондови.

Дали постојат некои посебни пензиски законски прописи за самостојно вработените индивидуи?

Како самостојно вработен ти и понатаму продолжуваш да плаќаш придонеси на истиот начин како и во едностолбниот систем. Доколку првпат си се вработил пред 1 јануари 2003 имаш право да одбереш дали ќе преминеш во вториот столб. Доколку пак си прв пат вработен по 1 јануари 2003 година ти си задолжителен член на вториот столб и имаш право да избереш пензиски фонд во кој сакаш да членуваш во рок од три месеци од твоето прво вработување. Доколку не го сториш тоа МАПАС ќе те распредели по службена должност во еден од задолжителните пензиски фондови.

ПРАШАЊА ЗА ТРЕТ СТОЛБ – доброволно капитално финансирано пензиско осигурување

Што e доброволен пензиски фонд?
 
Отворен инвестициски фонд во кој се уплаќа доброволен пензиски придонес. Тој е основан и управуван од  друштво за управување со доброволни  пензиски фондови или друштво за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови.
 
Кој ќе управува со средствата на доброволниот пензиски фонд?

Со средствата на доброволниот пензиски фонд може да управува само друштво за управување со доброволни пензиски фондови или друштво за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови кое има дозвола и одобрение од МАПАС. Такво друштво е и НЛБ Нов Пензиски Фонд АД Скопје.

Кој се може да членува во  третиот столб?

Третиот столб се однесува на сите лица постари од 15 години кои се во можност и кои сакаат да издвојуваат дополнителни  средства од своите тековни примања за уплата на придонес.
Член на доброволен пензиски фонд може да биде секое лице кое навршило 15 години и е сопственик на доброволна индивидуална сметка или секое лице кое е учесник во професионална пензиска шема и е сопственик на професионална сметка. Во доброволното капитално финансирано пензиско осигурување може да се вклучат:
 
-       Лицата кои се опфатени со системот на задолжително пензиско осигурување,
-       Лицата кои не се опфатени со системот на задолжително пензиско осигурување, а сакаат да штедат средства за пензија.
-       Лица за кои може да се уплаќаат средства од страна на друго лице/лица
 
Друштвото неможе да одбие зачленување на осигуреник во доброволниот пензиски фонд со кој управува, освен во случај кога тоа лице има помалку од 15 години или повеќе од 70.

Кој  го контролира и регулира третиот столб?

Третиот столб како и вториот е регулиран и контролиран од страна на МАПАС.

Колку често и во кој износ треба да уплатувам средства во доброволен пензиски фонд?
 
Во Законот за трет столб нема посебни услови, што значи дека не мора да се уплатуваат средства секој месец, а износот на средствата кој ќе се уплатува зависи од одлуката на лицето кое ќе членува во третиот столб или од одлуката на лицето кое ќе уплатува за членот и не мора да е ист при секоја уплата. Не постои минимален или максимален износ кој може да се уплати.
 Во одлуката колку да вложувате може да ви помогне калкулаторот поставен на почетната страница на нашиот интернет портал.
 
Дали јас може да плаќам придонес за друго лице која живее во странство, и на кој начин?
 
Едно лице може да уплаќа средства за друго лице, но во тој случај договорот за членство треба да биде потпишан од: членот, агентот во име на друштвото и уплаќачот кој уплаќа придонес во име и за сметка на членот.  Средствата се уплаќаат на доброволната индивидуална сметка на членот, по потпишување на договор за членство и отварање на сметката на членот. Уплатите на придонес ќе се вршат на посебна парична сметка на доброволниот пензиски фонд, која се води кај чуварот на имот и потоа ќе се распоредуваат на доброволната индивидуална сметка на членот.
 
Како се вршат уплатите на придонесот?
 
Уплатата на доброволниот придонес може да ја врши членот или трето лице во име и на сметка на членот, врз основа на договор на членство во доброволен пензиски фонд. Уплатата на доброволен придонес исто така може да ја врши работодавач или здружение на граѓани кое организира и финансира професионална пензиска шема. Уплата на придонесот се врши во износ и во периоди по слободен избор на плаќачот, што значи дека нема минимални или максимални ограничувања на уплатите, ниту определени периоди на кои мора да се плати придонес. Уплаќачот плаќа кога е во можност, а во периодите кога не плаќа членот ги задржува сите права. Уплатите на придонес ќе се вршат на посебна парична сметка на доброволниот пензиски фонд, која се води кај чуварот на имот и потоа ќе се распоредуваат на доброволната индивидуална сметка или професионалната сметка на членот во зависност од начинот на членство.
 
Дали на износот на придонесот за трет столб што го плаќа работодавачот треба да ги плати и придонесите за здравство и ПИО, односно дали е ослободен само од персоналниот данок или и од придонесите?
 
Износот за трет столб кој работодавачот го уплаќа за своите работници не влегува во бруто плата, па според тоа не подлежи на плаќање на придонесите за здравствено и пензиско и инвалидско осигурување
 
Дали е возможно да не се избере вториот столб и да се одбере само првиот и третиот? (на пример доколку прекинам со работа или се вработам на друго место - или опција - претходно невработен)
 
Тоа е можно само за оние осигуреници кои се осигурени само во првиот столб (доброволните членови, вработени пред 1.01.2003г. кои во законски определениот рок не избрале пензиски фонд во вториот столб). Само тие можат да бидат осигурени само во првиот и  доколку изберат и во третиот столб, без вториот столб.
 
Лицата кои се веќе членови во вториот столб, доколку прекинат со работа или се вработат на друго место, остануваат членови на пензискиот фонд во вториот столб каде што и претходно биле членови што значи дека не е прекинато членството, а имаат право доколку сакаат дополнително да се осигураат и во третиот столб.
 
Дали може да се биде член само во првиот столб и да се одлучам за опција во осигурителни компании (не фондови) за животно осигурување, наместо втор пензиски фонд?
 
Без разлика дали си член на првиот, вториот или третиот столб може да штедиш во осигурителни компании за животно осигурување. Меѓутоа, животното осигурување во осигурителна компанија не е пензиско осигурување и не го претставува третиот пензиски столб, односно штедење за пензија и не ги има истите карактеристики и поволности (даночни олеснувања и сл.)  како штедењето во третиот столб.
 
Какви олеснувања се нудат во однос на уплатените средства во третиот столб?

Уплатените средства, намалени за надоместокот од придонес, се инвестираат и се акумулираат на индивидуалната сметка на членот и заедно со приносот од инвестирањето се дел од неговата идна пензија. Сите тие средства заедно го формираат износот од кој ќе се исплаќа пензискиот надомест од доброволното пензиско осигурување.

Членот на доброволниот пензиски фонд кој уплаќа сопствени средства во пензискиот фонд или за кого се уплатени средства на неговата индивидуална сметка од друго физичко лице , има право на поврат на персоналниот данок на доход пресметан на износот на уплатениот придонес во доброволниот пензиски фонд. Износот на кој се пресметува повратот за една календарска година не може да биде поголем од 4 просечни месечни бруто плати во Републиката објавени за претходната година. Повратот се врши директно на индивидуалната сметка на членот во доброволниот пензиски фонд со поднесување на барање за поврат на персонален данок.
 
Професионални пензиски шеми
 
Што е професионална пензиска шема и кој може да организира?

 
Професионална пензиска шема претставува шема за уплата на доброволен придонес за пензиско осигурување од работодавачот или здружение на граѓани за негови вработени или членови, вклучена во доброволен пензиски фонд. Повеќе работодавачи или повеќе здруженија на граѓани може заедно да организираат и финансираат професионални пензиски шеми. Работодавачот донесува правила за професионалната пензиска шема.Секој учесник во професионална пензиска шема потпишува изјава за согласност за учество во професионална пензиска шема и ја доставува до работодавачот. Работодавачот потпишува договор со друштвото кое го избрал да управува со доброволниот пензиски фонд во кој ќе биде вклучена професионалната пензиска шема. Работодавачот може да определи кои вработени или членови можат да учествуваат во професионалната пензиска шема и да ја определи стапката на придонес или фиксен износ кој ќе го уплаќа за секој од нив.
 
Како работодавач - како можам да ја вклучам мојата фирма во третиот столб?
 
Како работодавач можеш да обезбедиш и финансираш професионална пензиска шема за своите вработени, за што треба да донесеш правила на професионална пензиска шема и да избереш друштво кое ќе управува со професионалната шема во рамките на доброволниот пензиски фонд со кој управува тоа друштво. Во професионалната шема ќе може да уплаќаш средства за сите вработени или за оние вработени за кои ти сметаш дека тоа е потребно во износ кој  тебе ти одговара согласно материјалните и финансиските можности на компанијата.
 
Дали  договорот меѓу друштво и работодавач во врска со професионална пензиска шема мора да го потпише агент на друштвото или може и претставник на друштвото?
 
Осигурителот (работодавач или здружение) потпишува договор само со овластен потписник на друштвото кое управува со доброволен пензиски фонд во кој ќе биде вклучена шемата. Осигурителот може да склучи договор и со агент, но само ако тој е овластен од страна на друштвото за склучување на ваков тип на договори.
 
Како е регулирано инвестирањето на средствата од третиот столб?
 
Инвестирањето на средствата од третиот столб е регулирано со Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување  и подзаконски акт во кој МАПАС подетално ги уредува условите за земјите, квалитетот на инструментите и условите што треба да ги исполнат пазарите за хартии од вредност, во кои може да се инвестираат средствата на пензиските фондови
 
Дали имам право да сменам доброволен пензиски фонд?
 
Имаш право да преминеш во друг доброволен пензиски фонд управуван од друго друштво. Доколку воопшто не си задоволен од третиот столб, може да прекинеш да вложуваш средства, а вложените средства може да ги подигнеш најрано 10 години пред возраста за пензионирање (според сегашните закони 52 г за жена и 54 г. за маж).
 
Дали може да ги искористам моите заштеди во третиот столб пред да се пензионирам? Кога и како може да ги користам средствата од третиот столб?
 
Средствата од третиот столб можат да се повлекуваат најрано 10 години пред возраста за стекнување на правото за пензија согласно Законот за ПИО (што според сегашните закони би значело дека средствата од третиот столб може најрано да се повлекуваат од возраст 52 г. за жена и 54 г. за маж) или порано во случај на инвалидност, односно општа неспособност за работа. Во случај на  смрт на членот наследниците ги наследуваат средствата согласно Законот за наследство. Заштедите од третиот столб може да се искористат преку купување ануитет, програмирано повлекување, исплата на вкупниот износ на средства, еднократно или повеќекратно или комбинација од сите претходни методи.
 
Дефинирање на даночниот третман ЕЕТ
 
Со Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување е прифатен даночен третман според кој не се оданочува придонесот кој се уплаќа за доброволното капитално финансирано пензиско осигурување, не се оданочуваат приходите од инвестирање на доброволните пензиски фондови и професионалните пензиски шеми додека се оданочува пензискиот надоместок што се исплаќа на осигуреникот кога ќе оствари право на пензија односно прифатен е принцип на оданочување познат како „ослободување-ослободување-оданочување (ЕЕТ).
 
Дали има даночни ослободувања ако некој уплаќа во трет столб?
 
Во третиот столб, се предвидени даночни олеснувања, и тоа:

(1) Осигурителот се ослободува од плаќање на персоналниот данок на доход пресметан на придонесите на своите вработени или членови уплатени во доброволниот пензиски фонд. Износот на ослободувањето за една календарска година не може да биде поголем од 4 просечни месечни бруто плати, објавени за претходната година, по вработен или член.
(2) Членот на доброволниот пензиски фонд кој уплаќа сопствени средства во пензискиот фонд, има право на поврат на персоналниот данок на доход пресметан на износот на уплатениот придонес во доброволниот пензиски фонд. Износот на кој се пресметува повратот за една календарска година не може да биде поголем од 4 просечни месечни бруто плати, објавени за претходната година
(3) Членот на доброволен пензиски фонд за средствата уплатени на негова индивидуална сметка од физичко лице има право на поврат на персоналниот данок на доход пресметан на износот на уплатениот придонес во доброволниот пензиски фонд. Износот на кој се пресметува повратот за една календарска година не може да биде поголем од 4 просечни месечни бруто плати во Републиката, објавени за претходната година.
(4) Повратот на персоналниот данок на доход на членовите се врши на годишно ниво дирекно на доброволната индивидуална сметка на членот на пензискиот фонд, со доставување на барање за поврат на данок од страна на членот.
 
Надоместоци

Колкав е надоместокот на МАПАС?

Согласно закон, работењето на МАПАС се финансира од неколку вида надоместоци, кои МАПАС ги наплатува од друштвата. Законски е уреден највисокиот износ на надоместок кој може да го наплатува МАПАС, пресметан како процент од придонесите уплатени во пензиските фондови (задолжителни и доброволни) со кои управуваат друштвата и тој максимум изнесува 0,8%.  Секоја година, со одлука на која согласност дава Владата на Република Македонија, се определува висината на надоместокот за следната календарска година.
 
Кои се провизиите кои чуварите на имот може да ги наплаќаат?
 
Согласно закон чуварот на имот наплатува надоместок за вршење на своите функции. Овој надоместок го плаќаат друштвата од сопствените средства. Надоместокот се договора меѓу друштвото и чуварот на имот и е вклучен и во нивниот меѓусебен договор за чување на имот. МАПАС дава согласност на договорот.
 
ПОЛАГАЊЕ НА ИСПИТ ЗА ЛИЦА КОИ ЌЕ ВРШАТ МАРКЕТИНГ

Кој може да полага за агент?
 
Согласно Правилникот за начинот и постапката за полагање испит за стекнување својство на агент и за запишување на лицето во регистарот на агенти, МАПАС организира редовни испити за агенти четири пати во годината. Испитот се одржува во последната недела на месеците: март, јуни, септември и декември. По исклучок МАПАС може да одржува испити и во пократки рокови.
 
Испитот за агенти се полага писмено со содржина утврдена во програмата за полагање на испитот, што ја изготвува МАПАС. Програмата особено содржи прашања од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување, Законот за пензиско и инвалидско осигурување и основни прашања за финансискиот пазар и пазарот на капитал, како и начинот на оценување и објавување на резултатите.

Агент не може да биде лице  вработено во: Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, Фондот за задравствено осигурување на Македонија, Агенцијата за вработување на Република Македонија, Управата за јавни приходи на Република Македонија и агенции за привремени вработувања.


 

 
Контакт информации
НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје
адреса:
Водњанска 1, 1000 Скопје
телефони:
02/ 15500; 02/5100266
електронска пошта: kontakt@npf.com.mk

повеќе за нас